___ Детална анализа на
Феноменот на чеп
_______________________________

Д-р Бобан Фиданоски, Доктор на Стоматологија

“Доколку отпечатокот биде наполнет со втората маса , нема одливни канали и доколку се примени поголема компресија , ќе дојде до израз притисокот на гингивалниот спој и до појава на “Феноменот на чеп “

Проф.
Мирчев “Клиника на фиксната стоматолошка протетика“ ,
121-122 стр.

Грижата да не се појави феноменот на чеп е должност на стоматологот протетичар кој го зема отпечатокот .
За да не се појави овој феномен , стоматологот е должен :
- правилно и дозирано да ги употребува масите за отпечатување
- да внимава на времето на аплицирање на масите
- да внимава на компресијата на отпечатокот врз оралното ткиво
- да се исече дел од прелиминарниот отпечаток , и тоа на два начина :
  - со проширување на луменот на отпечатената коронка и
- правење канали за истекување на вишокот на отпечаточна маса .

Ако се појави овој феномен , стоматологот е должен :
1. Да земе целосно нов отпечаток ( кога се појавуваат повеќе чепови во отпечатокот ) или
2. Да се исече чепот заедно со соседната меката отпечаточна маса , на тоа место да се стави нова мека отпечаточна маса и да се изврши повторно отпечатување само за тој заб ( остатокот од отпечатокот останува ист ) .
3. Да се исече чепот без корекција на отпечатокот

Одстранувањето на чепот без корекција на отпечатокот е главнат цел на оваа анализа , бидејќи на тој начин се доаѓа до два резултата :
- Заштеда на отпечаточниот материјал
- Не оставање сомнеж кај пациентот во нашиот квалитет на работа , бидејќи “не земаме отпечаток по втор пат “

Кога можеме да го одстраниме чепот без повторна корекција на отпечатокот ?

Одговорот на овие прашања лежи во локацијата и големината на чеповите кои се појавуваат во луменот на отпечатената коронка .

Во однос на местото на појавување , и нивната големина , чеповите можеме да ги поделиме на :

1. Хоризонтални ( инцизални или оклузални ) чепови кои се појавуваат долж инцизалната ивица или оклузалната ( хоризонтална ) површина на луменот на отпечатената препарирана коронка (нејзин негатив ) .
Овие инцизални чепови од своја страна , зависно од големината , можат да бидат :
- тотални ( целосни ) , кога целосно ја покриваат инцизалната или оклузалната површина и допираат до апроксималните страни на луменот . Овие чепови НЕВОЗМОЖНО е да се одстранат , и во овој случај МОРА да се врати отпечатокот на корекција .

- парцијални ( делумни ) , кога делумно ја покриваат инцизалната или оклузалната површина и во овој случај во можност сме со техничарско ноже или скалпел да пробаме да го отстраниме чепот , бидејќи инцизалната линија или оклузалната површина е делумно запазена во отпечатувањето и лесно би можела да се реставрира од кога ќе се излее отпечатокот во гипс . Сепак при отстранувањето на овие парцијални инцизални ( оклузални ) чепови можно е со ножето или скалпелот да се одземе повеќе од потребното од отпечаточната маса , па тогаш , отпечатокот мора да се врати на корекција .

2.
Вертикални - странични чепови
  -апроксимални :синистрален и декстрален ,
- вестибуларни или
- лингвални

Тоа се чепови кои се појавуваат по вертикалните површини на луменот на отпечатената коронка .

а. И тие можат да се појават во два облика зависно од нивната големина :
- тотални , кога се долж цела странична површина и тешко е со ноже или скалпел да се отстранат и
- парцијални , кога само делумно е зафатена апроксималната површина . Овие чепови се најлесни за отстранување
б. Зависно од бројот на апроксималните страни кои ги опфаќаат , се делат на :
- едностранични ( зафаќа само една страна ) и
- повеќестранични ( зафаќа повеќе страни )


 

3. Комбинирани ( Хоризонтално-вертикални , оклузално - апроксимални )
  Кога чепот ги зафаќа и оклузалната и една или повеќе странични вертикални површини на луменот . Невозможно за одстранување .


Сумирано - Кај комбинираните чепови нема теоретски можности за одстранување на чепот без корекција на отпечатокот . Тука , корекцијата на отпечатокот е ултимативна . Оклузалните чепови се најтешки за одстранување бидејќи е речиси невозможно со скалпел или ноже кое се наоѓа во вертикална положба да се сече формација која лежи на хоризонтална површина без да не се промени поставеноста на таа хоризонтална површина - во нашиот случај - оклузалната страна на препарираното забно трупче . Нарушената поставеност на оклузалната површина на забното трупче може подоцна да се реконструира на гипсениот отпечаток само во случај кога имаме два заба агониста до забното трупче кои би ни ја покажале просечната клиничката висина на коронките , вклучувајќи ја и коронката која сме ја испрепарирале , па потоа , од кога го знаеме тој податок , би можеле да ја реконструираме оклузалната површина на тој начин што би ја поставиле 2милиметра под нивото на оклузалната површина . Ова е сепак непрецизен метод кој од во прилог дека решението за тоталните чепови сепак лежи во повторното отпечатување на забното трупче .
Кај вертикалните чепови - ако се повеќестранични - многу ретко со успех се одстранува чепот без корекција на отпечатокот , додека кај едностаничните вертикални чепови - не е потребна корекција на отпечатокот , бидејќи е полесно да се одстрани формација на вертикална површина со нож или скалпел кој е вертикално поставен . Во прилог оди и теоријата дека ако ги знаеме останатите 3 вертикални површини на забното трупче ( на пр. вестибуларна и двете апроксимални ) , лесно можеме подоцна на гипсениот модел да ја реконструираме и 4-тата површина ( на пр. лингвалната ) , каде што се појавил чепот .

Феномен на лажен - псеудо - чеп

Феномен на лажен ( псеудо ) чеп е појава на округла назабена формација во луменот на отепечатокот на иструганата коронка .
Причината за појава на овој чеп е кариозната шуплина ( лезија ) која постои на иструганиот заб , која стоматологот не ја санирал , па се отпечатила . Најчесто стоматологот знае дека ова е последица на кариозната шуплина и не го третира назабениот чеп како вистински чеп т.е. не го отстранува или не го повторува отпечатувањето .


Стоматологот не го отстранува овој “кариозен“ чеп во случај :

1. Кога тој може да се искористи како дополнување на иструганиот простор меѓ у забното трупче и антагонистот , простор во кој ќе се изработува коронката ( металната кошулка и хромазитната или порцеланската обвивка ) . Тоа се чепови кои се појавуваат на инцизалната или оклузалната површина - Инцизален ( оклузален ) лажен чеп .
2. Во случај кога чепот е на вертикалната страна . Лезијата која го создала лажниот чеп не е пополнета со фосфат-цемент пред отпечатувањето туку ќе биде пополнета во текот на цементирање , за да се зголеми ретенцијата на коронката со забното трупче . Фосфат-цементот кој служи за цементирање , во текот на тој процес ќе ја пополни и кариозната лезија , која ја има предизвикано појавата на лажниот чеп на отпечатокот .

Овој феномен на лажен чеп најчесто го согледуваат забните техничари кога не се информирани од стоматологот дека таа цистична формација во луменот е последица на кариозна лезија , туку мислат дека е вистински чеп . Ако се работи за ваков лажен чеп , потребно е стоматологот да го извести техничарот за постоењето на таа формација и за планови што да се прави со неа .
Ако стоматологот не го извести техничарот дека таа формација е всушност лажен чеп , техничарот има можност да го разликува лажниот од вистинскиот чеп само по неговата површина , имено вистинскиот чеп има МАЗНА површина како последица на влечните сили големата компресија и аплицирањето на отпечаточа маса повеќе одколку што треба . Додека лажниот е со НАЗАБЕНА или ПОВЕЌЕАГОЛНА површина како последица на вистинското отпечатување на кариозната лезија која е несанирана и е со рапаво или повеќеаголно дно .


 

Автор : Д-р Бобан Фиданоски

Дипломиран Доктор на Стоматологија , 2000 - Скопје , Република Македонија
Дипломиран забен техничар , 1992 - Скопје , Република Македонија



Текстот е објавен on-line на 01 Јануари 2002 година .

© 2002 Copyright - Text and photographs by Boban Fidanoski- Skopje, Macedonia

- Проф. Мирчев “Клиника на фиксната стоматолошка протетика“
   


Голема благодарност до Д-р Натали Димовска Фиданоски , Д-р Душан Велкоски и Д-р Лилјана Велкоска .